Барса игра за петтата титула во низа, традицијата е против Валенсија

Барселона Валенсија

По тешката елиминација во Лигата на шампионите, Лионел Меси и Барселона ќе се борат за втората титула оваа сезона. Во финалето во Купот на Кралот ќе ги одмерат силите со Валенсија на стадионот „Бенито Виљамарин“ во Севиља.

Како да не беше проблем незадоволството од навивачите поради европскиот неуспех, па Ернесто Валверде сега ќе игра за задржување на својата работа без неколку звучни имиња. Во финалето сигурно нема да се појават Тер Штеген, Осман Дембеле и Луис Суарез. Кај противникот ситуацијата е далеку подобра, Марселињо ги има скоро сите фудбалери на располагање, со исклучок на Езекил Гарај и Факундо Рокаглиа.

Лоши вести за „лилјаците“ се меѓусебните дуели на својот тренер против каталонската екипа. Од 20 дуели против тимот од „Камп Ноу“, 53-годишниот Шпанец ниту еднаш не се нашол на победничката страна. Исто така, статистиката на Валенсија во натпреварите против Барса не ветува успех. На последните 29 меча, екипата од „Местаља“ се радувала само двапати.

Финалниот противник за Меси е еден од омилените во неговата кариера. Против него има постигнато 29 гола. Само Атлетико Мадрид и Севиља капитулирале повеќе пати пред аргентинскиот репрезентативец.

Каталонците ќе го играат шестото финале во низа и се во потрага по петтата последователна титула. Тие се рекордери и по бројот на трофеи (30) во ова натпреварување.

Мечот кој ќе го одреди победникот на овогодишното издание на Купот на Кралот се игра вечерва со почеток од 21:00 часот.