Барса и Гарсија се договорија, дефанзивецот на Сити пред враќање во Шпанија

Ерик Гарсија, централниот дефанзивец на Манчестер Сити, скоро сигурно од следната сезона ќе игра за Барселона.

Договорот на младиот 20-годишен дефанзивен играч со Сити истекува налето, а Пеп Гвардиола нема намера да ја продолжи соработката. Барселона сака да го искористи тоа и реши да го врати Гарсија во своите редови, а како што пишуваат тамошните медиуми, договор веќе е постигнат и наскоро фудбалерот ќе потпише на пет години.

Гарсија помина низ познатата школа на Барса „Ла Масија“, пред да потпише за Манчестер Сити во 2017 година. Сепак, тој не се наигра во Англија и за четири сезони настапи на само 33 натпревари за „граѓаните“.

Гарсија беше пред враќање во Барселона и минатото лето, но неговиот премин пропадна во последен момент, откако двата клуба не се договорија за висината на обештетувањето.