Барса без речиси цела одбрана ќе ја пречека Борусија Дортмунд

Барселона Борусија

Барселона се наоѓа на врвот во т.н „група на смртта“, но ќе биде во големи проблеми доколку загуби вечерва против Борусија Дортмунд. Каталонците имаат само еден бод предност пред бундеслигашот, а четири во однос на третопласираниот Интер, кој исто така е во игра за првите две позиции.

„Милионерите“ ја надиграа екипата на Ернесто Валверде на првата средба, но не беа ефективни за да ја крунисаат подобрата игра со некој погодок. Шпанскиот тренер е под лупа на управата и не смее да си дозволи компликација во групната фаза од Лигата на шампионите.

Одбраната ќе биде најголемиот проблем за каталонскиот тим. Неколку играчи се повредени, меѓу кои Семедо, Алба и Ленгле, а Пике е суспендиран. Тоа значи дека скоро сигурно шанса ќе добие засилувањето од Бетис, Жуниор Фирпо. Најголемиот хендикеп за Лусиен Фавр ќе биде отсуството на Пако Алкасер, поранешниот голгетер на Барса. Шпанскиот интернационалец ќе биде надвор од конкуренција поради вирус.

Последниот натпревар на „Камп Ноу“ заврши во полза на домаќинот, па така се очекува да се  одвиваат работите и на денешната средба. Офанзивниот арсенал, предводен од Лионел Меси, Антоан Гризман и Луис Суарез, би требало да биде преголем залак за одбраната на Борусија, предвидуваат експертите.