ВИДЕО: Барнли со гол директно од КОРНЕР славеше на гостувањето кај Саутемптон

Фудбалерите на Барнли го изненадија Саутемптон и на гостински терен победија со 1-2, во дуелот од 26. коло на англиската Премиер лига. Средбата на „Сент Мери“ ја одбележа голот од корнер на гостите, но гледачите сведочеа уште два ефектни голови. Саутемптон има за што да жали, бидејќи ја контролираа играта, но недостигаше добра завршница. 

  • Извештај од натпреварот: 

Резултатот беше отворен практично во првиот напад, кога гостите добија корнер од кој погодија директно во голот. Ешли Вествуд атрактивно го изведе и упати топка со големо ефе директно кон голот. Ингс сакајќи да помогне ја пропушти топката, која заврши во мрежата на МекКарти уште во втората минута. 

Саутемптон по примениот гол мораше веднаш да нападне, а израмнување донесе „трагичарот“ Дени Ингс, кој со ефектен гол од околу 20 метри го матираше голманот Поуп за 1-1 во 18. минута. До полувремето домаќинот се закани и преку Стефенс, кој ја затресе конструкцијата од голот на Барнли. 

Продолжението започна со нова шанса на Саутемтон, но Рајан Бертранд не беше прецизен во завршницата. Казната за испуштените шанси стигна во 60. минута кога Матеј Видра одново донесе предност за Барнли. Чехот со гради смири долга топка од Хендрик, веднаш тргна во страна и со добар удар го погоди аголот од голот на Саутемптон. 

Домашната екипа го зголеми притисокот и тргна кон ново израмнување. Еден од стоперите на Барнли во 82. минута играше со рака во шеснаесетникот што судијата Хупер не го забележа. Тој доби повик од ВАР собата и сам ја провери ситуацијата, но процени дека нема пенал. 

Со овие три бода, Барнли има 34, па сонот за европските натпреварувања останува жив.