ВИДЕО: Барнли го урна сонот на Тотенхем за премиерлигашка титула

Екипата на Тотенхем во рамки на 27. коло од англиската Премиер лига загуби на гостувањето кај Барнли (2-1) и направи чекор назад во трката со водечките во англиската елита, Манчестер Сити и Ливерпул.

„Петлите“ живееја во бајка и потајно се надеваа дека може да го остварат сонот и да се искачат на англискиот фудбалски врв, меѓутоа со поразот кај Барнли, бајката речиси и да заврши, затоа што Ливерпул и Сити сега се на +5, со еден натпревар помалку.

По првиот дел со многу шанси, но без голови, резултатот се отвори во 57. минута, кога по еден изведен корнер на Мекнил, највисок во скокот беше Вуд и со помош на пречката ја стресе мрежата на Тотенхем. „Петлите“ не чекаа долго, па изедначија во 65. минута, откако Кејн по една контра од левата страна, успеа да погоди по земја.

На Тотенхем како да му годеше ремито, па Барнли беше тимот што диктираше темпо по изедначувањето. Домаќинот не искористи две добри шанси преку Хендрик и Мекнил, но затоа во 83. минута, Гудмунсон среќно го проигра Барнс, а тој пред голот не можеше да погреши и вторпат го матира Лорис, за предност на аутсјадерот на хартија од 2-1.

За Тотенхем ова е прв пораз во последните пет кола и доаѓа во најлош можен момент, пред дерби-дуелот против Челзи. Барнли, пак, ја продолжува низата без пораз и нема неуспех во псоледните шест кола, во кои има три победи и три ремија.