Барди: Сакавме полни трибини против Косово за да прославиме со нашите сонародници

Полуфиналето од Лигата на нации меѓу Македонија и Косово беше одложено поради епидемијата со коронавирусот. Истото е преместено за јуни, но се ќе зависи од начинот на кој што Балканскиот полуостров ќе се справи со ковид-19.

Енис Барди настапува во Шпанија, една од најпогодените земји во Европа од вирусот. Во едно интервју за тамошните медиуми, тој зборуваше за можноста Македонија да настапи на Европско првенство и одложувањето на полуфиналниот меч со косовската репрезентација.

„Мене не ме плашеше да патувам во Македонија за мечот со Косово. Но, неколку наши репрезентативци како Пандев, Несторовски и Елмас, кои играат во Италија, немаше да добијат дозвола за патување. А, тоа ќе беше голем хендикеп за нашата селекција. Затоа подобро што се одложи натпреварот.

Полуфиналето требаше да се одигра во Скопје и ние сакавме да има навивачи на трибините. Поради тоа се игра фудбалот. Македонија чека на пласман на големо натпреварување долг период, па сакавме да се радуваме со нашите сонародници“, вели играчот за врска.

Новиот термин гласи дека полуфиналните мечеви ќе се одиграат на 4 јуни, а големото финале и патникот на континенталниот собир ќе биде познат на 9 јуни. Во второто полуфинале ќе се сретнат Белорусија и Грузија.