• Зоран Мишевски

Игра полетно, од натпревар во натпревар ја покажува својата зрелост и во Шпанија веќе сите знаат кој е Енис Барди. Македонскиот репрезентативец одлично го преброди скокот од младинската во сениорската репрезентација и сега е незаменлив во составот на Игор Ангеловски.
Асот на Леванте ни откри дека никогаш не би потценил противник, иако во неделата играше против Валенсија, а в четврток против себе ќе ги има аматерите на Гибралтар.
„Сите во репрезентатицијата доаѓаме со една цел - сите сме едно и треба да размислуваме и функционираме како едно. Никој нема загарантирано место, сите се бориме за да ја стекнеме довербата на селекторот. Во спортот нема полошо нешто од потценувањето. Верувајте, ние нема да влеземе во таа стапица. Мислиме само на нашата цел, а не на противниците. Така, Гибралтар ќе си го добие заслужениот третман, а на теренот ќе играме да ги победиме“, рече за Gol.mk, Енис Барди.
Десетката на Леванте потоа се осврна на својот клуб, Примера, животот во Валенсија. Барди делува среќно и исполнето и тоа треба да ги радува нашите вљубеници во фудбалот.
„Од почетокот беше тешко, нова средина, ми требаше поддршка од најблиските, другарите. Сега се навикнав, Валенсија е прекрасен град, одлична клима, убава храна. Играм во континуитет, тренерот ми верува и тоа е многу значајно за еден фудбалер. Во добар ритам сум, физички се чувствувам одлично и ги одиграв сите три натпревари од почетокот на Примера“, ни рече некогашниот фудбалер на Ујпешт.
Барди беше асистент на еден од двата гола на Леванте во ремито со градскиот ривал Валенсија во неделата. Во дресот со државниот грб, 23- годишниот Барди запиша 13 настапи и постигна еден гол.