Барди: Нема простор за паника, Леванте е едно големо семејство и ќе остане во Примера

Во клучните моменти од сезоната екипата на Леванте никако не може да застане на здрави нозе и веќе два месеци е без победа во Примера. 

Со последниот бод против Еспањол тимот од Валенсија во прашање го доведе својот опстанок во лигата, но нашиот репрезентативец Енис Барди смета дека место за паника нема и Леванте ќе се издигне и ќе ја оствари својата зацртана цел. 

„Леванте е едно големо семејство. Тука сите се почитуваме и знаеме што треба да правиме. Затоа тврдам дека нема место за паника, бидејќи ќе ја оствариме зацртаната цел и ќе останеме во Примера. Големата поддршка од трибините ни е мотив плус и заради нив ќе направиме сè што е во наша моќ да ги приведеме првенството до мирен крај“, рече Барди. 

До крајот на Примера остануваат уште шест кола, а Леванте во следното ќе се сретне со тимот на Бетис.