Барди дел од младите фудбалери кои најмногу импресионираа во Лига Д!

Еден од најдобрите македонски фудбалери, Енис Барди, зад себе остави фантастични настапи за нашата селекција во Лигата на нации. Членот на Леванте, блескаше со своите игри, постигна два клучни гола на последните два натпревари и заслужено доби место меѓу младите фудбалери кои најмногу импресионираа во Лигата Д во новото натпреварување на УЕФА. 

Македонија имаше успешно премиерно издание во ова натпреварување, и со пет победи од шест меча се пласира на првото место во групата и обезбеди полуфинале против соодветната селекција на Косово. 

Избраниците на Игор Ангеловски, на сите натпревари покажаа квалитет и професионалност, а посебен придонес донесе Барди, кој со својата разноврсна игра уште еднаш докажа дека поседува квалитет за големи натпревари. 

Неговата одлична игра беше приметена и од „WhoScored“, кој го смести во петте млади фудбалери кои најмногу покажаа во Лигата Д во групната фаза на Лигата на нации. 

Во овој избор друштво на Барди му прават, Милот Рашица од Косово, Мартинс Переира, Дание Синани од Луксембург и Џорџи Џакветадзе од Грузија.