• Иван Димовски

Фудбалската репрезентација на Македонија по ремито со Финска има уште еден предизвик за крај на 2022 година. Пријателскиот меч со Азербејџан во Скопје е последен пред стартот на евро-квалификациите во март, па селекторот Благоја Милевски ќе треба да го искористи тоа.
На средбата со новинарите во пресрет на дуелот, своето очекување го изнесе и Енис Барди. Фудбалерот на Трабзонспор нагласи дека во денешниот фудбал нема фаворити, па ќе треба да се одигра максимално.
„Фаворит во денешниот фудбал нема. Наша работа е да влегуваме во натпреварите како што се договараме. Анализиравме што се случи на претходната средба, тие мали грешки ќе ги поправиме. Ќе излеземе на терен со надеж за позитивен резултат. Противникот е силен, игра агресивно и физички е добро подготвен. Ќе анализираме каде можеме да ги нападнеме. Сакаме добро да ја завршиме оваа година“, кажа Барди.
Пресметката меѓу Македонија и Азербејџан е закажана за в недела од 14:00 часот на Националната арена „Тодор Проески“.