• Мартин Танасковски

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ги закажа баражите за пласман во Втората македонска фудбалска лига (ВМФЛ) во кои ќе игра Тетекс од второлигашкиот шампионат, плус уште пет екипи од Третите лиги.
Од Западот во бараж патува екипата на Велазерими, додека од северниот регион, тоа е Башкими од Куманово. Од Истокот најдобра екипа е Осогово, додека од јужниот регион тоа е Вардар Неготино. Петтиот учесник доаѓа од југозападот, тоа е Новаци.
Ќе се играат три натпревари, можно е секој против секого, ждрепката е закажана на 25 мај во просториите на ФФМ. Ќе се игра еден натпревар и во случај на нерешен резултат, ќе се пристапи кон изведување на пенали. Натпреварите за влез во ВМФЛ ќе се одиграат на 28 мај.
Трите победници од овие баражи ќе влезат во ВМФЛ. Според пропозициите, ќе следи ждрепка за „лаки лузерите“, но еден тим ќе извиси. Од трите поразени, ќе бидат извлечени две екипи кои ќе влезат во ВМФЛ за сезоната 2023/24. Причината е откажувањето на Ренова, да не беше тоа така, ќе се влечеше една екипа, но вака ќе мора да се извлечат две за да се пополнат сите места.
Доколку една од екипите кои ќе обезбедат место во ВМФЛ се откажат, ќе следат другите според пласманот од третолигашкото друштво кои се подготвени за лиценца и второлигашки статус. Можно е и опстанок на Локомотива Пехчево, но тоа доаѓа ако не се најде екипа од Третите лиги која може да ги исполни условите за Втора лига, што е минимално, но, сепак, возможно.
Покрај спортскиот резултат, екипите од Третите лиги кои ја пополнуваат ВМФЛ задолжителнo треба да ги исполнуваат и критериумите за лиценцирање предвидени за натпреварување во второлигашкото друштво.