• Мартин Танасковски
По комплетирањето на баражите познати се скоро сите учесници во Втората македонска фудбалска лига (ВМФЛ) за сезоната 2024/25. Победа го сочува статусот преку баражот, додека новајлии се екипите на Борец и на Вардарски од Богданци.
- Победа - ГФК Куманово 2-1:
Најголемата победа во баражите ја извојува Победа, која на стадионот во Ѓорче Петров успеа да слави над амбициозниот ГФК Куманово (2-1). Младиот тим на Јане Николоски одигра одличен натпревар против поискусниот ривал и го доби второлигашкото место. За прилепчани златните голови ги постигнаа Давид Дебрешлисоки во 62. и Димитар Шаркоски во 71. минута од мечот во Скопје. Утешниот гол за Куманово беше дело на Дарио Десниќ.
- Вардарски - Кораб 3-2:
Богданци повторно ќе гледа второлигашки фудбал, затоа што Вардарски на „Борис Трајковски“ во Маџари беше подобар од Кораб (3-2). Погодоците за победникот на овој натпревар беа дело на Адам Стојанов кој беше двоен стрелец, како и Славе Танов, додека за ривалот погодија Ујкан Муча и Фатјон Леши.
- Велазерими - Борец 2-3:
Во второлигашкото друштво се враќа и велешката гордост Борец, кој на „Петар Милошевски“ во Битола во возбудлив натпревар го совлада Велазерими (3-2). Велазерими имаше две прекрасни шанси во финишот да се избори за пенали, но немаше реализација. Борец до победата дојде со головите на Пеце Стојанов кој беше двоен стрелец, еднаш погоди Александар Јорданоски, додека Албулен Имери и Мурат Адили дадоа голови за Велазерими.
Во Втората лига во новата сезона покрај новајлиите ќе играат уште Брегалница, Македонија ЃП, Арсими, Охрид, Беласица, Вардар Неготино, Башкими, Скопје, Кожуф, Новаци, Осогово и Саса, а се чека уште на баражот меѓу Вардар и Детонит Плачковица за сите учесници да бидат комплетни.