„Бараме статутарни промени и ново Собрание, фудбалот мора да го водат фудбалски ликови“

Иницијативен одбор составен од клубови од Првата и Втората македонска фудбалска лига, поранешни фудбалски репрезентативци, судии и тренери, одржа прес-конференција на која побара Законот за спорт да се почитува и Собранието на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на кое за претседател беше избран Муамед Сејдини да се прогласи за нелегитимно.

Од новоформираниот Иницијативен одбор велат дека во последниот период сведоци сме на многу негодувања во фудбалот, особено и од државниот орган за Спорт, кој донел пресуда дека статутот на ФФМ не е во согласност со Законот за спорт. Од одборот велат дека Законот за спорт предвидува директно вклучување на фудбалските клубови од ПМФЛ и ВМФЛ, во самото Собрание во организацијата на директното собрание, нешто што не е моментален случај во Македонија.

„Клубовите се тие што се застапени во фудбалот, инвестираат и сакаат да бидат директни чинители во застапеноста на Собранието и одлуката на работењето на ФФМ. Се пушти едно писмо кое на различен начин се коментираше низ медиумите. Имавме состаноци, за да расчистиме што тоа значи. Бараме законите да важат подеднакво, како за клубовите, така и за федерациите. На два дена пред Собранието на ФФМ, беше обелоденето дека статутот не е усогласен со Законот за спорт. Ние клубовите се согласивме дека сакаме да има законско работење, како што тоа го прават клубовите, така тоа да го прават и Федерациите“, изјави Миле Спиркоски, претставник на клубовите во Иницијативниот одбор.

Досега, од клубовите од ПМФЛ и ВМФЛ, за спровадување на Законот за спорт и промени во фудбалот се Брегалница, Победа, Работнички, Беласица, Пелистер, Академија Пандев, Детонит Јуниор, Кожув, Тиквеш, Плачковица, Каменица Саса, Вардар Неготино, Скопје, Партизан Обршани и Борец,

Во име на поранешните репрезентативци говореше некогашниот фудбалер на Вардар, Бобан Грнчаров.

„Тука сум во име на фудбалерите, на бивши и моментални репрезентативци, играчи во лигите. Сите сакаме фудбалската федерација да работи на прав начин, да се инволвирани луѓе во светот на фудбалот, а не да работат луѓе што немаат ништо лично со фудбалот. Ние ја поддржуваме оваа иницијатива“, изјави Грнчаров.

Спортските работници ги претставуваше Љубомир Крстевски од Битола, кој истакна дека во фудбалот треба да работат исклучително спортски луѓе, а не анонимци.

„Спортските работници исто така сакаат во фудбалот да влезат спортски луѓе, односно да биде правото застапено подеднакво во сите институции. Сакаме да биде спроведено правото и во ФФМ. Работниците мора да бидат фудбалски луѓе, а не онака како што гледаме што се случува сега, односно непознати лица, што никогаш не биле во фудбалот, го водат нашиот фудбал. Видовте што се случи на последната средба во Битола, која беше претворена во приватна забава и беше забранет влез на клубови“, изјави Крстевски.

Од Иницијативниот одбор велат дека целта е да се поттикне државниот орган за Спорт, во случајов Агенцијата за Млади и Спорт (АМС), да го спроведе законот и да ја регулира целата ситуација.