Баптиста го напушти Клуж по само 42 одиграни минути!

Раководните луѓе на романскиот клуб Клуж денес објавија дека ја прекинуваат соработката со Жулио Баптиста, кој претходно беше донесен како големо засилување за тимот.

Бразилецот романската авантура ја заврши по само 42 минути одиграни за клубот, од кои 20 минути во романскиот шампионат, а останатите 22 во Лига Европа. Сепак, од романскиот тим изразија благодарност за бразилскиот фудбалер, кој иако не одиграл многу на теренот, своето долгогодишно искуство го пренел во соблекувалната.

„Му благодариме на Жулио за неговиот придонес во нашиот дрес и му посакуваме се најдобро во иднина“, стои во клупското соопштение.

37-годишниот Баптиста својата слава ја стекна во тимот на Севиља, каде на 63 натпревари запиша 38 гола. Во 2005 година се пресели во Реал Мадрид, но не ги повтори игрите од Севиља и во 2008 година се пресели во Рома. Во својата богата кариера играше уште и за Малага, Крузеиро, Сао Паоло и Орландо Сити.