• Саше Љолес

Марио Балотели во својата кариера настапуваше за двата клуба кои ќе се соочат во овогодинешното финале од Лигата на шампионите, Манчестер Сити и Интер. Фудбалерот кој е моментално член на швајцарски Сион, зборуваше за медиумите во Италија и изјави дека добил покана да присуствува на финалниот натпревар во Истанбул.
Балотели беше член на Интер во периодот меѓу 2007 и 2010 година, додека кај „граѓаните“ престојуваше од 2010 до 2013 година. Интересно е што напаѓачот постигна по дваесет голови за двата тима, а сега вели дека навистина ќе му биде тешко да се одлучи за кој тим ќе навива во финалето.
„Добив неколку покани да бидам гостин во Истанбул и да го проследам големото финале. Најверојатно ќе дојдам, затоа што во двата клуба имам многу пријатели. Ќе биде навистина супер ако успеам да се видам со дел од нив, но моето срце е поделено на половина. Јас би сакал двата тима да го кренат трофејот, но сите знаеме дека тоа е невозможно.
Како човек роден во Италија, логично е симпатиите малку повеќе да одат за Интер, но јас имав премногу убави моменти и во Манчестер и навистина ќе ми биде многу драго, без разлика кој ќе триумфира на крајот. Знам дека Сити е огромен фаворит, но никогаш не го отпишувајте Интер предвреме. Тоа е италијански тим кој точно знае што сака“, заклучи италијанскиот голгетер.
Марио Балотели имаше навистина богата кариера, но целата фудбалска јавност смета дека можеше да биде уште подобар доколку немаше проблеми со своето поведение и неодговорноста. Напаѓачот беше во центарот на многу скандали, добиваше казни и суспензии од клубовите за кои настапуваше, но сепак успеа во кариерата да постигне над 140 голови во сите конкуренции и во сите држави каде што играше. Во неговата биографија се наоѓаат европски гиганти како Интер, Манчестер Сити, Милан, Ливерпул, Олимпик Марсеј, а исто така играше и за Монца, Бреша, Адана Демириспор и Сион.