Балкански великан во преговори со Езџан Алиоски?

Македонскиот фудбалер Езџан Алиоски би можел да има нов клуб по репрезентативната пауза, затоа што се водат активни преговори за трансфер во редовите на словенечкиот клуб Марибор.

Балканскиот великан со богата историја и настапи во „екс-ју“ лигата бара играч на бековската позиција по левата страна, а неофицијално, една од опциите е Алиоски. Се шпекулира дека двете страни веќе водат преговори за трансфер, а дали ќе има реализација, останува да видиме.

Последен клуб на Езџан Алиоски беше Ал-Ахли од Саудиска Арабија. Заради правилото за странци, тој беше прекуброен во екипата и веќе подолго време е без настап. Покрај од Марибор, интерес за Алиоски имаше и од Швајцарија.

Репрезентативецот има богато портфолио со настапи за турски Фенербахче и англиски Лидс Јунајтед, а претходно беше дел и од швајцарските Лугано и Шафхаузен. За селекцијата на Македонија, Алиоски има 74 настапи и 12 гола.

Во редовите на Марибор има уште еден македонски фудбалер, тоа е Бехар Фета.