Балканот ќе организира СП во фудбал, но без Македонија?

Србија, Романија, Бугарија и Грција ќе се кандидираат да бидат домаќини на Светското првенство (СП) во фудбал, во 2030 година, изјави првиот човек на нашиот северен сосед, Александар Вучиќ.

Како што пренесува „Спорт клуб“, Вучиќ соопштил дека ќе се поднесе кандидатура по состанок со премиерот на Бугарија, Бојко Борисов и првиот човек на романската влада Вјорик Данчил. Идејата ја предложил премиерот на Грција, Алексис Ципрас.

Противкандидати на овие земји се очекува да бидат Аргентина, Парагвај и Уругвај, како и Алжир, Мароко и Тунис. Во целиот проект Мундијалот да се донесе на Балканот ја нема Македонија. 

Скопје се покажа како добар домаќин, на Суперкупот на УЕФА во 2018 година, кој беше прв историски настан за овој дел од Европа и беше еден од најдобро организираните досега.