Бајрами: Се надевам дека ќе гледаме една друга Македонија ЃП!

Екипата на Македонија Ѓорче Петров доби нов тренер. По оставката која си ја поднесе Александар Таневски, „лавовите“ ќе ги води неговиот доскорешен соработник Муарем Бајрами. Пред 35-годишникот стои голем предизвик, а тоа е да се прекине кризата која го зафати клубот.

Македонија ЃП влезе во сезоната со амбиции да игра во Европа, но во моментов е далеку од тие посакувани места. За среќа лигата е изедначена, па Бајрами ќе се обиде уште во првиот натпревар да дојде до поволен резултат.

„Прво, голема ми е честа да бидам тренер на Македонија ЃП, екипа со голема традиција во македонскиот фудбал. Благодарност до управата за укажаната доверба. Секако, тимот минува еден лош резултатски период, но јас имам голема доверба и го познавам тимот. Имаме квалитет и се надевам дека на следните средби ќе гледаме една друга Македонија ЃП која ќе победува и која ќе ги поправи резултатите. Не сакам да го заборавам и претходниот тренер Александар Таневски кој направи огромна работа со тимот. Остави одличен тим, со кој ќе работиме да ги вратиме позитивните резултати“, вели Бајрами.

За поранешниот тренер на Шкупи, прв предизвик со Македонија ЃП како прв стратег ќе му биде натпревар од Купот на Македонија против Академија Пандев (среда, 14:00).

„Македонија ЃП атакува и на Купот и во првенството на висок пласман. Сакаме да ги вратиме позитивните резултати, тоа значи победа во следните натпревари. Но, ќе одиме од меч во меч, Академија Пандев ни е прв дуел во Купот. Се подготвуваме веќе трет ден за она кое доаѓа. Ривалот на чело со Васоски, за кого имам голема почит, направи одлични резултати. Александар Васоски е фантастичен тренер, за тоа говорат и резултатите кои ги оствари со Вардар. Секоја почит за него, ама и ние си имаме свои амбиции“, заврши новиот тренер на Македонија ЃП.

Стручниот штаб во Македонија ЃП засега останува ист. Помошник на Бајрами ќе му биде Тони Џангаровски, а Виктор Ивановиќ ќе биде тренер на голманите. Во следниот период ќе се разгледува и евентуално засилување, затоа што постои потреба.