Бајката за Олмо продолжува, Динамо Загреб повторно ги „трие рацете“

Шпанскиот репрезентативец, Даниел Олмо Карвахал (или попознат како Дани Олмо), во следните неколку денови ќе потпише договор со актуелниот англиски шампион, Манчестер Сити, јавува новинарот Џанлука Ди Марцио. 

Олмо скоро четири години е дел од РБ Лајпциг, но „граѓаните“ се решени да го доведат кај себе и наскоро се очекува да биде комплетиран трансферот вреден 60 милиони евра. Овој епилог со нетрпение го очекува и поранешниот клуб на Шпанецот, Динамо Загреб, кој има клаузула за 20% од сумата за следните два трансфери. 

Ова значи дека „модрите“ би можеле да ја збогатат клупската каса за 12 милиони евра, што секако е огромна сума за играч кој одамна не е во нивниот клуб и уште еднаш би го потврдиле фактот дека во трансфер-политиката се неприкосновени на поранешните ју-простори. 

Дани Олмо пристигна во Загреб од Барселона како 16-годишник. Динамо за него не плати ниту едно евро, а потоа го продаде во Лајпциг за 29 милиони евра. Доколку се реализира трансферот во Манчестер Сити, загрепскиот гигант од овој играч ќе заработи вкупно 41 милион евра.