• Зоран Мишевски

Бајката на мароканската репрезентација продолжува и по Светското првенство во Катар. Африканската селекција првпат во историјата го совлада Бразил, макар и во пријателски натпревар. Момците на Регреги во првиот натпревар по историското четврто место на Мундијалот во Катар, во Рабат пред преполни трибини и неверојатна поддршка го совладаа новиот Бразил на Менезес со 2-1 (1-0).
- Извештај од натпреварот:
Софиан Буфал во 28. минута го отвори резултатот, откако од свртување ја погоди мрежата на Веверсон и предизвика одушевување на домашните фанови. Бразил, воден од новиот капитен Касемиро, целосно беше немоќен, младите ѕвезди Родриго и Винициус беа добро чувани и бројот на зрели шанси на петкратниот светски шампион беше прескромен.
Сепак, се играше 66. минута, кога навидум по еден млак удар на Касемиро, мароканскиот голман Боно грубо погреши и топката му се излизга зад грбот. Така Бразил израмни, баш во моментите кога изгледаше дека нема решение за мароканската одбрана.
Дванаесет минути подоцна Мароко пак стигна до предност, која се испостави како доволна за победа. Пак бразилската одбрана не ја расчисти опасноста по центаршутот на Зијеч и Сибири со резантен удар ја погоди целта и ги постави финалните 2-1.
Овации и песни за мароканските фудбалери се слушаа по последниот судиски свиреж, бидејќи победа против големиот Бразил, првпат во историјата, вреди колку и успехот на Светското првенство во Катар.