• Саше Љолес

Актуелниот европски шампион, ПСЖ, го совлада Баерн Минхен во четвртфиналето на Светското клупско првенство, откако славеше сигурен триумф со конечни 2-0 (0-0).
- Извештај од натпреварот:
Во првото полувреме видовме динамична и прилично отворена игра на двете страни, но без погодоци во мрежите на голманите. Баерн се закани преку Мајкл Олисе, а Донарума интервенираше соодветно.
Слично беше и на спротивната страна, кога Мануел Ноер го одби ударот на Квича Кварацкелија. ПСЖ на почетокот повеќе ја држеше топката кај себе и делуваше поопасно во воведните минути, но Баварците успеаја целосно да се консолидираат во продолжението. На паузата останаа почетните 0-0. Во самиот финиш на првиот дел, Баерн остана без Џамал Мусиала, кој доживеа хорор-повреда и заработи скршеница на ногата.
ПСЖ го започна второто полувреме со обид на Бредли Баркола, но повторно на сцената стапи Ноер, кој успеа да ја исфрли топката во корнер, а потоа темпото малку се смири и не видовме зрели шанси во периодот до 70. минута.
Токму во овој период Луис Енрике го внесе во игра Осман Дембеле, играта на „светците“ малку се разгоре, создадоа две убави шанси, а круната за трудот дојде 78. минута, кога Дезире Дуе ја начна мрежата на Ноер и донесе водство за својот тим.
Само пет минути подоцна ПСЖ остана со играч помалку по исклучувањето на Вилиан Пачо, а во самиот финиш и без Лукас Хернандез, но тоа не влијаеше многу на патникот во полуфиналето. Напротив, откако Баерн целосно се отвори Дембеле во судиското надополнување ги постави конечните 2-0.
Европскиот првак успеа да се провлече против баварскиот гигант и заслужено се најде меѓу четирите најдобри на клупскиот Мундијал.