Бајевски: Вардар уште на полусезона да е со една нога во Првата лига

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар се подготвува за настапот во единствената Втора лига и оваа година целите се да се врати меѓу најдобрите. На сезоната сега ќе ѝ се пристапи доста посериозно, тоа го потврдува спортскиот директор Александар Бајевски.

„Црвено-црните“ се разделија со десет фудбалери, а донесоа две нови имиња. Се потпиша со искусните Симе Христов и Јован Попзлатанов кои сигурно е дека ќе го зголемат квалитетот, а се чека на уште три нови имиња, потврдува Бајевски. Главните подготовки ќе бидат во Охрид, на крајот на месец јули.

„Досега имаме двајца нови играчи, ќе има сигурно уште двајца-тројца квалитетни играчи со прволигашко искуство со кои се водат преговори и се во финишот. Се очекува сите детали да бидат готови следната седмица и ќе ги презентираме пред јавноста. Може да има и уште некое заминување од тимот, како плус на оние што се веќе од претходно познати играчите со кои се разделивме. Генерално, она кое планиравме да го задржиме во тимот, го задржавме. Околу подготовките, ќе патуваме во Охрид и ќе играме неколку пријателски натпевари. Се планира тоа да биде околу 25 јули. Потоа, се враќаме седум дена пред почетокот на првенството во Скопје и имаме една цел, таа се знае, уште на полусезона да бидеме со една нога во Првата лига“, ни изјави Бајевски.

Конкуренцијата го мотивира Вардар, но тимот ќе се гледа себеси и своите игри, целта е единствена, враќање во Првата лига.

„Конкуренцијата секогаш е здрава. Ние правиме екипа за Првата лига, затоа што ние како клуб мора да имаме единствена цел, тоа да сме шампиони, но по сплет на околоности тоа е така како што е. Во Втората лига ќе има квалитетни екипи како што се Гостивар, Пелистер, Беласица, тука би ја спомнал и Воска Спорт која сигурно ќе се засилува. Но, едноставно немаме ние друга цел освен првото место и враќањето во Првата лига“, заврши Бајевски.

Вардар во новата сезона ќе биде предводен од тренерот Бобан Грнчаров кој имаше одлични резултати во деби-авантурата како стратег и го донесе клубот на чекор до бараж во ланското издание. Помошници ќе му бидат Един Нурединоски и Златко Таневски. Тренер на голманите е Игор Тасевски, кондициски тренер е Тони Богдановски. Сезоната во единствената ВМФЛ која ќе брои шеснаесет клуба стартува на 14 август.