Бахар: Фудбалот е магичен, имаме право да се надеваме против фаворитот

Фудбалерите на Црвена Звезда гостуваат кај Манчестер Сити во првото коло на Лигата на шампионите. Јасно е дека српскиот тим е апсолутен аутсајдер против европскиот првак, меѓутоа јасно е и дека нема лесно да се предаде. 

На средбата со медиумите, натпреварот на „Етихад“ го најави тренерот Барак Бахар, кој имаше пофалби за ривалот. 

„Немавме многу време за подготовка за натпреварот. Следниот предизвик е дуел со Манчестер Сити, а знаеме колку се силни. Треба да ја покажеме нашата сила, верувам во својот тим. Нема многу да го менувам начинот на игра. Ќе ги одберам најдобрите, мораме да го кренеме нивото. Важно е да имаме добар ден, а потребна ни е и среќа. Чест ми е што ги чув пофалбите од Гвардиола, тој за мене е најдобар тренер на светот. За нас најважно е да играме храбро и паметно. 

Фудбалот е магичен, може да се случи сè. Нема да влегуваме во натпреварите и да размислуваме за реми. Веруваме дека сме способни, имаме право да се надеваме“, изјави Бахар.

Средбата во Манчестер е дел од првиот ден од стартната рунда на Лигата на шампионите, во вторник во 21:00 часот.