ВИДЕО: Баерн со „покер“ во Хајденхајм направи исчекор кон шампионската титула

Екипата на Баерн Минхен граби кон титулата во Бундеслигата и славеше со убедливи 0-4 (0-3) на гостувањето кај Хајденхајм во натпреварот од 30. коло. 

Баварците уште во првото полувреме покажаа дека немаат намера да се шегуваат и водеа со огромни 0-3. Резултатот го отвори Хари Кејн, а потоа мрежата ја тресеа Конрад Лајмер и Кингсли Коман. 

Вторите 45 минути беа чиста рутина за избраниците на Винсент Компани, кои бргу го заборавија неуспехот во Лигата на шампионите и покажаа дека имаат максимален фокус на домашното првенство. Конечните 0-4 беа дело на Џошуа Кимих во 56. минута од натпреварот. 

  • Хајденхајм - Баерн Минхен 0-4:

Баерн Минхен има девет бода предност пред Баер Леверкузен, кој има и натпревар помалку од баварскиот гигант. 

Фрајбург го совлада Хофенхајм во ефикасен меч со конечни 3-2 и останува во трка за пласман во еврокуповите, Мајнц ремизираше со Волфсбург (2-2), Вердер Бремен во последните десет минути се избори за триумф над Бохум со 1-0, додека РБ Лајпциг направи голем кикс и ремизираше на домашен терен против Холштајн Кил со конечни 1-1.