ВИДЕО: Баерн со „петка“ за Дизелдорф, ЛеванГОЛски чекори кон историја

Баерн Минхен покажа зошто е лидер во Бундеслигата и на домашен терен ја декласира Фортуна Дизелдорф (5-0) во рамки на 29. коло од германскиот фудбалски шампионат.

  • Извештај од натпреварот:

„Баварците“ ја оправдаа фаворитската улога, а овој натпревар мина во знакот на Роберт Левандовски, кој доби „промена“ на презимето од клубот, па сега е Роберт ЛеванГОЛски. Полјакот двапати се запиша во листата на стрелците, се изедначи со најефикасната сезона и воедно стана играч кој им дал гол на сите екипи во Бундеслигата.

Дуелот на „Алијанц Арена“ се отвори во 15. минута, кога Јоргенсен си постигна автогол, а вториот погодок на мечот беше дело на Павард во 29. минута. Пред финишот на првиот дел Левандовски зголеми на 3-0, потоа, истиот играч даде атрактивен погодок со петица во 50. минута, за две минути подоцна да следи и петти гол во мрежата на ривалот преку Дејвис. До финишот на мечот се имаше шанси да се постигнат уште неколку гола, ама мрежите мируваа.

Баерн Минхен сега е осамен на врвот со десет бода повеќе во однос на Дортмунд кој има меч помалку и гостување кај Падерборн. Фортуна Дизелдорф, пак, го доживеа првиот пораз по реактивацијата и ја чека битка за опстанок во Бундеслигата.