Баерн по шест години го освои Купот: Кејн со „хет-трик“ го сруши Штутгарт (ВИДЕО)

Баерн Минхен ја заокружи сезоната во германскиот фудбал со двојна круна, откако во финалето на Купот на Германија го совлада Штутгарт со убедливи 3-0 (0-0) на „Олимпискиот стадион“ во Берлин. Херој на баварскиот гигант беше Хари Кејн, кој со хет-трик во второто полувреме го реши финалето и му го донесе трофејот на својот тим.

  • Извештај од натпреварот:

Штутгарт подобро го отвори натпреварот и се закани преку Анџело Штилер и Максимилијан Мителштат, но Баерн постепено ја презеде контролата. Во првиот дел шанси имаа Кејн и Јосип Станишиќ, но мрежите мируваа.

Отпорот на Штутгарт беше скршен во 55. минута кога Мајкл Олисе испрати одличен центаршут, а Кејн со удар со глава донесе водство за Баерн. По прекинот поради чад од пиротехника, Баерн продолжи да доминира и во финишот целосно го реши прашањето околу победникот.

Кејн во 80 минута зголеми на 2-0, а во судиското продолжение од пенал ги постави конечните 3-0 и го комплетираше хет трикот.

Со оваа победа Баерн стигна до првиот трофеј во Купот на Германија по 2020 година и на најдобар можен начин ја заврши сезоната.