Баерн Минхен се засили со одличниот јапонски дефанзивец од Штутгарт

Баерн Минхен се подготвува за новата етапа со Винсент Компани како прв тренер на екипата, а денес го објави и своето ново летно засилување кое пристигна од редовите на Штугарт. 

Баварците потпишаа договор со јапонскиот репрезентативец, Хироки Ито, кој за „швабите“ одигра 56 натпревари во последните две години и се наметна како незаменлив дел во одбраната. Дефанзивецот може да игра како стопер, но и како лев бек, а токму неговата поливалентност беше пресудна за интересот од Минхен. 

Сѐ поизвесно е заминувањето на Матијс де Лихт, со што ќе се отвори дополнителен простор за Ито, кој во кариерата настапуваше уште за Џубило Ивата и Нагоја Кампус од Јапонија. Ова за него ќе биде прв предизвик во голем европски гигант, со кој ќе има можност да настапува и во Лигата на шампионите. Договорот со Јапонецот истекува летото 2028 година.