• Саше Љолес
Фудбалерите на Баерн Минхен изгегоа како победници во супер интересниот натпревар од првото коло на Бундеслигата и славеа со конечни 2-3 (0-1) на гостувањето кај Волфсбург.
Избраниците на Винсент Компани имаа многу повеќе од играта во првото полувреме, создадоа 4-5 одлични прилики за гол, но искористија само една. Џамал Мусиала jа застресе мрежата на домаќините во дваесеттата минута, потоа имаше уште една одлична шанса за двојна предност, но на паузата Баварците водеа со минимални 0-1.
Второто полувреме донесе поголема возбуда за домашната публика, а Волфсбург со два брзи гола успеа комплетно да го сврти резултатот во своја полза. Автор на двата погодока беше Хрватот Ловро Мајер. Најпрво стрелаше од пенал во 47. минута, а потоа ги доведе домаќините во водство само осум минути подоцна.
Баерн не би бил Баерн ако се откаже од шансата за бодови, па затоа тргна во силен налет кој вроди со плод 65. минута. Мешаницата во петерецот беше кобна за Јакуб Камински, кој ја затресе сопствената мрежа и резултатот гласеше 2-2.
Фаворитот продолжи во ист ритам, напаѓаше од сите страни и успеа повторно да го врати водството на своја страна. Хари Кејн подели одлична топка во вистински момент за Серж Гнабри, кој немаше проблеми да го совлада домашниот голман и ги постави конечните 2-3 во 82. минута. Баварскиот гигант ја забележа првата победа сезонава, а во следното коло ќе се соочи со Фрајбург пред своите гледачи.