• Мартин Танасковски
Фудбалерите на Дармштат приредија големо изненадување во шеснаесетинафиналето на германскиот Куп, совладувајќи го Шалке со убедливи 4-0 на домашен терен. Натпреварот донесе тотална доминација на домаќините и нова потврда на променливата форма на традиционалниот германски гигант.
Иако Шалке сезонава бележи солидни резултати во Втората Бундеслига и се наоѓа на врвот на табелата, вечерва тие не успеаја да се прилагодат на темпото на противникот. Дармштат ги казни сите грешки во одбраната и уште во првото полувреме ја постави основата за високата победа. Во 23. минута Акијама го отвори резултатот со прецизен удар по брза акција од левата страна, а само пет минути подоцна Маглица ја удвои предноста на домаќините, искористувајќи слабa реакција на голманот на гостите. На самиот почеток од второто полувреме, Дармштат продолжи со офанзивниот пристап и преку Хорнби во 47. минута зголеми на 3-0. Играта на Шалке целосно се распадна, а во 60. минута Бјалек погоди за конечни 4-0, ставајќи печат на една од најубедливите победи на Дармштат во последните години.
Во останатите натпревари од истото коло, Баерн Минхен ја оправда фаворитската улога и без поголеми проблеми го совлада Келн на гостински терен со 1-4. „Баварците“ покажаа високо ниво на игра и уште еднаш демонстрираа зошто се главни конкуренти за сите домашни трофеи. Кејн беше двоен стрелец за фаворитот, а по еднаш погодија Диаз и Олисе.
Покрај тоа, Фрајбург славеше со 1-3 на гости кај Фортуна Дизелдорф, обезбедувајќи пласман во следната фаза со сигурна партија.







