Баерн Минхен ќе тргне по српскиот напаѓач од Јувентус?

Баерн Минхен со многу потешкотии или барем повеќе од очекуваното, ја освои титулата во Бундеслигата. Во последното коло баварците беа чекор зад Борусија Дортмунд, па ривалот се сопна и гигантот од Минхен го искористи киксот за нов трофеј. 

Сепак, ситуацијата во клубот не е сјајна. Директорското дуо Салихамиџиќ-Кан замина, навивачите се бесни бидејќи не се доведе адекватна замена за Левандовски, а веројатно и тренерот Томас Тухел ќе има свои барања за ова лето. Според пишувањето на германскиот „Билд“, клубот е заинтересиран за Душан Влаховиќ. 

Српскиот напаѓач не ги оправда очекувањата по доаѓањето во Јувентус, па можеби би ја побарал среќата во друга средина. Скапото засилување на „старата дама“ беше на мета на Манчестер Јунајтед и Челзи, а сега во редот застана и германскиот првак. Баерн би морал сериозно да го одврзе ќесето ако го сака Влаховиќ, бидејќи тој пристигна во Торино за 75 милиони евра. 

Јувентус е во проблеми, остана без место во Лигата на шампионите, па веројатно ќе мора да продаваат играчи за да ги израмнат сметките.