ВИДЕО: Баерн Минхен го доби трилерот со седум гола против Франкфурт

Фудбалерите на Баерн Минхен со стил се вратија на „Алианц Арената“ и во трилер од седум голови со 5-2 (2-0) ги освоија бодовите против Ајнтрахт Франкфурт во средбата од 27 коло од Бундеслигата. 

  • Извештај од натпреварот: 

Баварците прикажаа надмоќ уште од стартот на средбата, ја контролираа играта и чекаа на својата шанса. Резултатот го отвори Леон Горецка во 17. минута за 1-0. На погодокот му претходеше добар продор на Томас Милер по левата страна и нафрлена топка на пеналтикот, на која играчот за врска налета и со одмерен волеј ја смести во мрежата. Инфериорниот Ајнтрахт Франкфурт се мачеше до полувремето и солидно одолеваше пред налетите, но концентрацијата попушти во 41. минута, кога Милер погоди по добриот центаршут од Дејвис за 2-0. 

Домаќинот фуриозно го отвори и продолжението, па по само 40 секунди игра дојде до предност и од 3-0. Брзото француско крило, Кингсли Коман упати нов употреблив центаршут, а овојпат Роберт Левандовски со глава го матираше Кевин Трап. 

Надежта за Ајнтрахт ја врати стоперот Мартин Хинтерегер кој најдобро се снајде во два корнери и со погодоците во 52. и 55. минута намали на достижни 3-2. 

Баерн Минхен сепак не му дозволи на гостинот целосно да го загрози нивното водство и младиот бек Алфонсо Дејвис ја искористи конфузијата на одбранбениот бедем, па лесно реализираше во 61. минута. 

Само 13 минути подоцна херојот на Ајнгтрахт Франкфурт стана трагичар и по двата гола во мрежата на Нојер, успеа да ја смести топката и во сопствената за огромни 5-2. Гнабри во обид да го проигра Милер ја проследи топката до излетаниот Трап, а до нејзе дојде Хинтерегер кој со несмасна реакција го реши мечот. 

Гигантот од Минхен ја одржа бодовната предност пред ривалот Борусија Дортмунд на четири, но за само три дена гостува на „Сигнал Идуна Парк“ во дербито на колото.