Баерн Минхен „гази“ во Бундеслигата, но урива и финансиски рекорди

Германскиот фудбалски гигант Баерн Минхен ја заврши финансиската година со рекордни приходи од 978,3 милиони евра, што претставува раст од 2,8 проценти во однос на претходната година. Само еден ден по деветтата последователна победа во Бундеслигата, Баерн одржа Годишнo собрание, на коe беа презентирани финансиските резултати.

Најголем раст е забележан кај приходите од натпревари (260,7 милиони евра), спонзорства и маркетинг (240,4 милиони евра) и продажба на клубска стока (150,5 милиони евра). Од друга страна, приходите од трансфери паднаа од 186,1 на 117,7 милиони евра.

Оперативната добивка порасна за 11,3 проценти, достигнувајќи 187,8 милиони евра, додека нето-добивката по оданочување се намали од 43,1 на 27,1 милион евра.

Клубот, исто така, може да се пофали со 432.500 членови, што е значителен раст во однос на 382.000 членови колку што имаше пред една година.