• Иван Димовски

Легендата на германскиот фудбал, Лотар Матеус работи како аналитичар во својата земја и често дава интересни изјави и гледишта на популарни ситуации. Последна во низата вакви случки е дебито на Хари Кејн веднаш по трансферот во Баерн Минхен. Според Матеус, клубот требало да почека и да не избрза, а не го разбира ниту Томас Тухел кој го пушти да игра.
„Тухел ја пушти својата нова ѕвезда во игра со РБ Лајпциг на резултат 0-2, а на крајот загубија 0-3. Лично, никогаш не би го пуштил Кејн да игра на тој меч. По цел хаос околу трансферот, требаше да се сочека со промоцијата. Баерн можеше да се пофали со Кејн пред навивачите, а потоа тој да седне во ложата. Потоа би одработел неколку тренинзи и би бил подготвен да почне од првата минута со Вердер.
По мене, таквото деби на Кејн беше грешка. Имаше премногу прашина, лет до Минхен, брзи прегледи и потпис среде ноќ... Дефинитивно не е добра идеја веднаш да заигра. Генерално, тоа е добра зделка. Хари е меѓу петте најдобри напаѓачи на денешницата, ама целите преговори беа хаотични. Не паметам кога Баерн дозволил некој клуб да го измачи, порано доаѓаше со понуда и рок, ако не прифатат секогаш имаше план Б. Сепак, добро е, заврши сагата. Кејн е тука, тој е врвен играч“, изјави Матеус.
За волја на вистината самиот трансфер на Хари Кејн, поточно завршната фаза на преговорите дојде како изненадување. Веднаш откако клубовите конечно се сложија за сумата на трансферот беа организирани сите задолженија.
Кејн на „мала врата“ среде ноќ ги одработи медицинските тестови и набрзина потпиша договор со баварците. Изненадување беше што тој се најде во протоколот, а потоа и заигра во загубениот Суперкуп против РБ Лајпциг.