Баерн го задржа Мусиала до 2030 година и драстично му ја зголеми платата

Крилниот напаѓач Џамал Мусиала, некогаш најмладиот стрелец во историјата на Баерн, го продолжи договорот со клубот од Минхен до 2030 година.

„Навистина сум среќен. Баерн е еден од најголемите клубови во светот. Тука ги направив првите чекори во професионалниот фудбал и цврсто верувам дека можеме да постигнеме нешто големо со клубот во годините што доаѓаат. Се чувствувам како дома, и во Минхен и во овој клуб со одлични навивачи“, нагласи Мусиала, кој следната недела го слави својот 22 роденден.

Баерн на договорот додаде откупна клаузула од 175 милиони евра, која секој клуб кој сака да го купи Мусиала би морал да ја плати како обештетување. Германскиот репрезентативец е роден во Штутгарт, а детството го помина во Англија и академијата на Челзи, каде што помина осум години пред да се приклучи на баварскиот младински систем.

Баерн неодамна ја продолжи соработката со канадскиот лев бек Алфонс Дејвис, а од претходно беше познато дека соработката на Мусиала со клубот која првично требаше да заврши во 2026 година ќе трае уште подолго.

Мусиала наводно ќе заработува многу повеќе, а германските медиуми пишуваат дека годишно ќе инкасира по 22 милиони евра – нешто помалку од Хари Кејн. Оваа сезона постигна петнаесет гола и забележа седум асистенции, а Баерн е лидер во Бундеслигата со 51 бод.