ВИДЕО: Баерн го сруши Челзи во Минхен, европскиот првак демонстрира моќ со Аталанта!

Баерн Минхен се радуваше во една од дерби пресметките во првото коло на Лигата на шампионите, победувајќи го Челзи со 3-1 (2-1) на својата „Алијанц Арена“. Баварците одиграа подобар натпревар и заслужено прокнижија први бодови во елитното натпреварување и тоа со победа над актуелниот светски клупски првак. 

  • Баерн Минхен - Челзи 3-1:

Старт беше мирен со тоа што избраниците на Компани беа поопасни, а тоа им се исплати бидејќи во првиот половина час стигнаа до двојна предност. Резултатот беше отворен по 20 минути игра, откако Олисе одлично се проби од десната страна и уфрли на петерецот, а таму Тревор Чалоба си ја испрати топката во сопствената мрежа (1-0). Седум минути подоцна баварците изнудија и пенал, а сигурен егзекутор беше Хари Кејн за удвојување на позитивата. Сепак, набрзина Челзи успеа да се врати во живот, бидејќи Кол Палмер веќе во 29. минута намали на 2-1. 

Поконкретен и понатаму беше Баерн, до полувремето се закани Лаимер, а во вториот дел голманот Санчез му одбрани зицер на Кејн, па и шанса на Олисе. Следуваше грешка на Мало Густо која Хари Кејн не ја прости, па го искористи фактот дека Санчез не беше пред голот и убаво погоди во подалечниот агол за 3-1 во 63. минута. До крајот се тресеше уште еднаш мрежата на домашните преку Палмер, ама Англичанецот се најде во недозволена позиција. 

Европскиот првак ПСЖ беше сигурен и убедлив на стартот на новата сезона во елитата, па со 4-0 (2-0) ја доби Аталанта. Избраниците на Луис Енрике покажаа кој е кој на „Паркот на принцовите“ и ги израдуваа своите фанови со четири погодоци. 

  • ПСЖ - Аталанта 4-0:

По само три минути игра првиот гол на натпреварот го постигна Маркињос по асистенција од Руиз. Мрежите мируваа до пред полувремето, а тогаш Квича Кварацкелија зголеми на 2-0 во 39. минута. Следуваше и пенал за парижани, меѓутоа Баркола не го реализира. Тоа не му се врати негативно на ПСЖ, бидејќи Нуно Мендеш на стартот на вториот дел ја зголеми предноста со трет гол. По серијата замени на двете страни кога сите го чекаа крајот на натпреварот точка на победата стави Гонсало Рамош.