• Иван Димовски

Германскиот првак Баерн Минхен влезе во групната фаза на Лигата на шампионите со триумф над Манчестер Јунајтед со 4-3 (2-0). Пресметката на „Алијанц Арена“ тргна со подобра игра на гостите, ама откако не го крунисаа тоа со гол, пристигна казната. Второто полувреме понуди по еден гол на стартот, а потоа екипите се распукаа во финишот.
- Баерн Минхен - Манчестер Јунајтед 4-3:
Сè тргна со еден храбар Манчестер Јунајтед. Тен Хаг добро го имаше поставено тимот, иако без неколку ѕвезди. Воведните дваесетина минути им припаднаа на гостите кои имаа и по некоја шанса. Сепак, откако не успеаја да поведат, на сцена стапи Баерн. Со двојно проигрување Лирој Сане и Хари Кејн донесоа предност. Германското крило со удар од шеснаесетникот успеа да погоди по лоша реакција на Онана во 28. минута. Бргу потоа следеше и втор гол. Само четири подоцна меѓу стрелците се запиша и Серж Гнабри, кој доби „сервирана“ топка од Мусиала и погоди за 2-0.
На стартот на продолжението за надеж на „црвените ѓаволи“ погоди новајлијата Расмус Хојлунд. Сепак, откако Јунајтед израмни во 49. минута, бргу баварците имаа пенал по игра со рака. Сигурен од 11 метри беше Хари Кејн, зголемувајќи на 3-1. Откако темпото на игра целосно отпадна, во завршницата погоди Касемиро, по една одлична акција во која покажа огромна упорност и стрела за 3-2. Во судиското надополнување Матијс Тел пак ја врати двојната предност. Ниту тука не беше крајот на возбудувањата, бидејќи конечните 4-3 ги постави Касемиро, по гол со глава по центаршут на Фернандеш.
Изненадување приреди екипата на Реал Сосиедад, извлекувајќи реми со Интер од 1-1 (1-0) во рамките на групата Д. „Нераѕурите“ веројатно сè уште под импресии по победата во дербито со Милан, не прикажаа многу во Сан Себастијан. Иако долго бркаа негатива, избраниците на Симоне Инзаги во завршницата избегнаа пораз.
- Реал Сосиедад - Интер 1-1:
Средбата тргна со шанса на Беренечеа, кој ја погоди стативата од голот на Јан Зомер. Бргу потоа следеше голема грешка на Алесандро Бастони кој загуби топка, а потоа Браис Мендез успеа да пласира за предност на Сосиедад по пет минути игра. Интер беше изненадувачки немоќен, притиснат и надигран на „Сан Мамеш“. Домаќините имаа шанси кои не ги искористија, а на крајот се испостави дека можат да жалат. Во завршниот налет, Интер даде два гола, од кои првиот беше поништен. Ако при погодокот на Турам имаше офсајд, во 87. минута Лаутаро Мартинез во свој стил по асистенција од Фратези донесе реми во Шпанија.
Во оваа конкуренција екипата на Салцбург се радува на гостувањето кај Бенфика со 0-2 (0-1), со головите на Симиќ и Глоух.