Баерн го „бетонира“ Гнабри, младиот Германец до 2023 на „Алијанц Арена“

Германскиот гигант Баерн Минхен веќе подолг период прави смена на генерација, а еден од фудбалерите кои треба да бидат носители во иднина е германскиот репрезентативец Серж Гнабри. 

Младиот офанзивец, благодарение на одличните настапи оваа сезона, го натера раководството на Баерн да размислува на продолжување на соработката, која денес доби официјализација и поранешниот член на Арсенал стави потпис на нов договор, кој ќе има важност до 2023 година. 

„Среќни сме што со Гнабри најдовме заеднички јазик и потпишавме долгогодишен договор. Направи голем исчекор оваа сезона, тој е еден од најдобрите млади фудбалери во тимот и секако заслужува поголемо внимание“, по промоцијата рече спортскиот директор Хасан Салихамиџиќ. 

23-годишниот Гнабри во редовите на Баерн Минхен пристигна пред една и пол година од Вердер за сума од осум милиони евра, а претходно ги носеше дресовите на Арсенал и ВБА. Ланската сезона ја одигра како позајмен фудбалер во Хофенхајм, каде блесна со своите игри и на 22 меча постигна 10 гола.