• Мартин Танасковски
Баерн Минхен денес и официјално го претстави своето ново засилување, мароканскиот репрезентативец Исмаел Саибари, кој пристигнува од ПСВ Ајндховен и потпиша договор со баварскиот гигант до летото 2031 година.
Офанзивниот фудбалер во моментов е дел од репрезентацијата на Мароко на Светското првенство, а по завршувањето на настапите на Мундијалот ќе му се приклучи на новиот клуб во Минхен.
Саибари во Баерн ќе го носи дресот со број 34, а зад изборот на овој број се крие емотивна и трогателна приказна. Мароканецот откри дека бројот има посебно значење за него, бидејќи е посветен на неговиот близок пријател Абделхак Нури, поранешниот голем талент на Ајакс.
Нури во 2017 година колабираше на пријателскиот натпревар меѓу Ајакс и Вердер Бремен, по што претрпе тешко оштетување на мозокот. Иако преживеа, неговиот живот засекогаш се промени и оттогаш не може самостојно да се движи.
„Тој преживеа, но оттогаш не може да се движи без помош. Го носам бројот 34 за да му оддадам почит, бидејќи тоа беше последниот број што го носеше на теренот“, изјави Саибари.
Со овој потег новото засилување на Баерн уште еднаш покажа дека покрај фудбалските квалитети поседува и големи човечки вредности, претворајќи го бројот на својот дрес во симбол на пријателство, почит и поддршка кон човек чија кариера трагично беше прекината.

