ВИДЕО: Баерн доминантно ја „освои“ Барселона во дербито на стартот во ЛШ

Фудбалерите на Баерн Минхен рутински ја завршија својата работа на тешкото гостување кај Барселона на „Камп Ноу“ и со 0-3 (0-1) прокнижија три бода во првиот дуел од групната фаза на Лигата на шампионите. Баварците доминираа во сите сегменти на играта, ги искористија своите шанси и релативно лесно го поразија домаќинот. 

  • Барселона - Баерн Минхен 0-3:

Куман се одлучи за подефанзивна варијанта, бидејќи го постави тимот во 3-5-2, со Жорди Алба и Серхи Роберто на бековските позиции. Поради тоа, каталонскиот тим уште од стартот му ја отстапи средината на теренот на ривалот, настојувајќи да игра на контра напади. Тоа не вроди со плод, бидејќи освен неколку полушанси Барса не направи ништо. На спротивната страна, Сане и Мусиала први го опоменаа домаќинот. 

Резултатот успеа да го отвори Томас Милер во 33. минута од натпреварот, откако со удар од околу 25 метри го погоди Ерик Гарсија, а топката од стоперот го измами Тер Штеген и влезе во мрежата. Каталонците немаа решение, иако баварците им ја препуштија иницијативата до паузата, па на полувреме мечот имаше само еден гол. 

Во продолжението, Баерн продолжи со офанзивниот пристап. Првата сериозна шанса по паузата ја испушти Сане, откако ударот му го фати Тер Штеген. Веќе во 56. минута гостите од Германија ја удвоија позитивата, откако Роберт Левандовски реализираше. Сепак, големи заслуги за голот имаше Мусиала, кој биеше во стативата, а топката се одби до Полјакот кој погоди во празната мрежа. Левандовски до крајот на натпреварот успеа да постигне и уште еден гол, откако по нова одбиена топка од стативата се најде на вистинското место и ги постави конечните 0-3 во 85. минута. 

Во оваа група се пресметаа уште Динамо Киев и Бенфика, кои во Украина одиграа без голови (0-0) и го поделија пленот. 

Атрактивна пресметка се одигра на „Естадио де ла Серамика“, на кој Виљареал и Аталанта одиграа 2-2 (1-1) во рамките на групата Ф. Италијанскиот тим успеа рано да поведе, а „жолтата подморница“ направи пресврт кој не го задржа до крај. 

  • Виљареал - Аталанта 2-2:

Само шест минути ѝ беа потребни на Аталанта да го пронајде патот до мрежата, откако стрелец беше Ремо Фројлер. Виљареал притисна по примениот гол, а тоа резултираше со израмнувачки погодок на Мануел Тригерос во 39. минута. По многуте промени во продолжението, Данјума го комплетираше пресвртот на домаќинот во 73. Сепак, Робин Госенс се погрижи Аталанта да не загуби во Шпанија и погоди за 2-2. Во завршницата Кокелан заработи втор жолт картон и Виљареал го заврши дуелот со десетмина. 

Во оваа група лидер по првото коло е Јанг Бојс кој драматично го победи Манчестер Јунајтед, додека Виљареал и Аталанта имаат по бод. 

Состави

Роналд Куман

4-4-2

    Јулијан Нагелсман

    4-4-2