• Горан Упале

Екипата на ПСЖ е вториот финалист во Лигата на шампионите за сезоната 2025/26: Францускиот гигант ќе ја брани титулата освоена минатата сезона, откако вечерва ремизираше со Баерн Минхен. По триумфот во првиот полуфинален дуел на „Паркот на Принцовите“ од 5-4, на реваншот „светците“ одиграа 1-1 и со вкупно 6-5 патуваат за Будимпешта каде ги чека финален дуел со Арсенал.
- Извештај од натпреварот:
Парижани на најдобар можен начин го отвори натпреварот на „Алијанц Арената“ и поведе по само три минути игра. Квича Кварацкели одлично проби по левата страна и го проигра Усман Дембеле, а најдобриот фудбалер на светот за минатата година со прекрасен удар го совлада Мануел Нојер и донесе водство за својот тим од 1-0.
Домаќините брзо се освестија од рано примениот гол и тргнаа во офанзива по израмнување, а првата шанса ја испушти Олисе, но шутираше само во блокот. Францускиот ас уште еднаш покажа дека игра во врвна форма оваа сезона, но во првото полувреме немаше среќа. Во 30 минута по соло-продор во свој стил шутираше од негова позиција, но топката профучи покрај пречката на гостите. Неколку минути подоцна Олисе одново се најде во гол-шанса, ама и овој пат не го најде вистинскиот пат до противничката мрежа. Во самиот финиш од полувремето можност за израмнување пропушти и Мусиала, откако шутираше прецизно на втора статива, но Сафонов одлично интервенираше. Првото полувреме беше одбележано и по две спорни ситуации, по кои посреќни беа гостинските фудбалери.
Прво, левиот бек Мендес играше со рака, но недозволената игра не беше санкционирана од главниот судија, кој сметаше дека немало намера. Во спротивно, доколку досудеше прекршок, Пинеиро ќе мораше да му додели втор жолт картон на дефанзивецот на европскиот шампион. Но, тоа што се случи нешто подоцна уште повеќе ги налути баварците, а особено тренерот Винсент Компани. Во казнетиот простор на гостите, топката го погоди Невеш во раката, која што не беше во природна положба, но ниту овој пат Пинеиро не се огласи, што наиде на големо незадоволство кај домашните фудбалери и фанови.
<<< ПОВРЗАНО - ВИДЕО: Компани и баварците бесни – зошто судијата не досуди пенал за Баерн?
Баерн играше високо и ризично и на стартот од второто полувреме, но видлива беше нервозата и недостатокот на концентрација во клучните моменти. Затоа првата шанса во продолжението ја имаа гостинските фудбалери, откако Дуе го искористи празниот простор и си создаде позиција за шут, но Нојер беше на висината на задачата и впиша нова успешна интервенција. Десет минути подоцна германскиот чувар не мрежата одново излезе како победник против младиот Французин, откако одново со фантастична парада го спаси Баерн Минхен од нов шок. На спротивната страна расположен за игра беше Луис Дијаз, кој му правеше многу проблеми на париската одбрана, но не и на голманот Сафонов, додека уште еден неуспешен обид имаше десното крило Олисе. Како се ближеше крајот на средбата, така растеше нервозата кај баварците, но смирен остана само искусниот Хари Кејн, кој во судиското надополнување постигна еврогол за 1-1. Сепак, за домаќинот немаше време за целосен пресврт и продолжение.
Мечот за титулата во Будимпешта помеѓу ПСЖ и Арсенал е закажан за на 30 мај, со почеток од 18:00 часот.


