ВИДЕО: Баер по пресврт го реши Штутгарт и чекори кон трофејот што го чека три децении!

Фудбалерите на Баер Леверкузен се пласираа во полуфиналето на Купот на Германија откако вечерва како домаќин го победија Штутгарт со резултат 3-2 (0-1). Гостите во два наврати водеа, но избраниците на Чаби Алонсо двапати се враќаа, а потоа направија пресврт во 90. минута и се пласираа во полуфиналето.

  • Извештај од натпреварот:

Веќе во 11. минута гостите поведоа, откако Стилер асистираше од корнер, а Антон со глава погоди за 0-1. Баер Леверкузен, и покрај примениот гол, не отстапи од својата напаѓачка игра, но во првото полувреме не успеа да израмни. Но, потоа следеше многу повозбудливо второ полувреме. Во 50. минута Андрих испрати проектил од речиси 25 метри и погоди за 1-1.

Штутгарт повторно успеа да ја изненади одбраната на Баер, и веќе во 58. минута преку Фухрих одново го презеде водството (1-2). Баер Леверкузен повторно тргна во офанзива, убедливо најопасен беше Вирц, кој по една пропуштена шанса му намести гол на Адли. Младиот Мароканец, само што влезе во игра, им побегна на дефанзивците на Штутгарт, ја прифати одличната топка од Вирц и ја испрати зад голманот (2-2).

И во моментите кога се очекуваше продолжение, во 90. минута Баер успеа да дојде до трет гол. Вирц повторно забележа асистенција, овој пат до стоперот Џонатан Тах кој погоди со глава за конечни 3-2. Баер Леверкузен така обезбеди пласман во полуфиналето и чекори кон трофејот што го чека три децении.