Бабунски желба на руски Урал, Дебрецен бара 600.000 евра

Македонскиот фудбалски репрезентативец Дориан Бабунски моментално е член на Дебрецен, но може да ја промени средината во овој преоден рок затоа што за него има интерес од Русија.

26-годишниот центарфор постигна клучни голови за унгарскиот тим во изминатата сезона, а со тоа го привлече вниманието на рускиот тим Урал од Екатеринбург. Клубот од елитниот ранг на рускиот фудбал се распрашува за Дориан, но за се ќе се прашува Дебрецен.

Причината за тоа е што напаѓачот е под договор со Дебрецен до јуни 2024 година. Управата сака да заработи од неговиот трансфер и бара 600.000 евра. Играчот, пак, очекува плата меѓу 250.000 и 300.000 евра за една сезона.

Вредноста на Дориан Бабунски според „Трансфермаркт“ е 750.000 евра. Македонецот дојде во Дебрецен во 2022 година од бугарски Ботев, а во сезоната која тукушто заврши постигна 13 гола и имаше уште четири асистенции на 33 меча.