Бабунски: Вардар мора да е пример за цела држава, целта е групна фаза

Играчот од средниот ред на Вардар, Давид Бабунски, со оптимизам гледа на иднината на клубот и смета дека „црвено-црните“ се движат во вистинска насока благодарение на новиот проект и амбициите што ги носи новото раководство.

Искусниот фудбалер истакна дека Вардар има обврска да биде пример не само во македонскиот фудбал, туку и во спортот воопшто, поради својата историја, традиција и значење.

„Вардар тргна во добар правец. Ние треба да бидеме пример за целата држава преку нашиот идентитет, историја и начинот на кој функционираме. Убаво е што започна овој проект, кој е професионален и има големи амбиции. Секој спортист сака да биде дел од здрава и организирана средина, а Вардар заслужува да биде на највисоко ниво“, изјави Бабунски.

Тој нагласи дека високите очекувања се нешто што играчите сами си го поставуваат како обврска.

„Сите во клубот сме амбициозни и самите си ги подигаме критериумите. Тоа е дел од нашиот менталитет и идентитет. Секогаш сакаме победи, добра игра и силна поврзаност со навивачите. Тоа е Вардар“, додаде играчот за врска.

Бабунски не ја криеше ниту европската амбиција на клубот.

„Нашата цел е Вардар повторно да игра во групна фаза на некое од натпреварувањата на УЕФА. Тоа е цел кон која ќе се стремиме и за која секојдневно ќе работиме“, порача тој.

Според него, најважно е што клубот има долгорочна визија и стабилна основа за развој.

„Со новото раководство имаме јасна визија Вардар да биде стабилен и силен клуб на долг рок. Не е лесно и за многу работи е потребно време, но има бројни аргументи кои покажуваат дека се движиме во вистинска насока. Имаме најдобра инфраструктура, модерен тренинг-комплекс, финансиска стабилност и квалитетен стручен кадар. Сето тоа покажува дека ова не е случаен проект“, истакна Бабунски.

На крајот, македонскиот репрезентативец порача дека Вардар конечно добива услови какви што заслужува најтрофејниот македонски клуб.

„Вардар е во добри раце и го заслужува тоа. Сега останува сите заедно да работиме за клубот да продолжи да расте и да се врати таму каде што му е местото“, заклучи Бабунски.

Вардар ќе го добие ривалот во Лигата на шампионите на ждрепка на 16 јуни во Нион.