Бабунски: Вардар да покаже желба за победа во Ерменија

Македонскиот вицепрвак Вардар пристигна во Ерменија, каде е во очекување на натпревар против Пјуник во Лигата на Европа, а шефот на стручниот штаб, Бобан Бабунски, на прес-конференција ги кажа своите очекувања за дуелот.

Тренерот на „црвено-црните“ вели дека Пјуник е добро анализиран, а од играчите се надева дека ќе покажат желба за победа која ќе донесе исчекор кон наредното коло.

„Имаме добри информации за екипата на Пјуник. Имаат неколку нови играчи и знаеме дека на секоја позиција поседуваат квалитетни играчи. Исто така имаат и искусни фудбалери кои играле многу вакви натпревари. Играат цврсто во одбраната и не очекува тешка задача тука во Ереван. Влегуваме со максимален респект кон нашиот противник и кон многу од нивни играчи. Но, ние сакаме да ја форсираме нашата офанзивна игра. Имавме одлични подготовки изминатиот период. Имаме неколку нови играчи кои одлично се вклопија. Се надевам дека играчите ќе ја покажат својата желба за победа. Минатата сезона беше прв пат наша екипа да игра во групната фаза од едно европско натпреварување, и нормално дека посакуваме да го повториме тој успех. Никогаш не се знае. Секогаш постојат изненадувања, и постојат екипи кои што во секој момент можат да покажат квалитет и да направат успех во Европа“, изјави 50-годишниот Бабунски.

Мечот меѓу Пјуник и Вардар се игра утре (четврток) од 16.00 часот, a возвратниот дуел е следната недела во Скооје.