Бабунски: Тоа што го научив од Меси, Нејмар, Иниеста и Чави ќе ми помогне во Данди Јунајтед!

Давид Бабунски, повремениот македонски фудбалски репрезентативец кариерата ја продолжи во Шкотска, каде потпиша за тимот на Данди Јунајтед. 

Од 30-годишниот играч за врска, кој потекнува од славната академија „Ла Месија“ во која беше дел од својата 12 до 22 година, се очекува да биде вистинско освежување во средниот ред на новиот премиерлигаш. 

Во интервју за „Би-Би-Си“, Бабунски се наврати на периодот кога тренираше заедно со Меси, Нејмар, Иниеста, Чави, а тренери му беа Пеп Гвардиола и Луис Енрике

„Тренинзите со тие играчи, да видам како размислуваат на теренот, какви одлуки носат, ми овозможи многу да ја подобрам сопствената игра и да научам многу од нив. Можев да тренирам повеќе пати со првиот тим, бидејќи тие им даваат многу можности на помладите играчи, па тоа беше прекрасно искуство за мене.

Не очекувајте ништо помалку од победа на секој натпревар, така ме учеа и така израснав во Барселона, да бидам многу амбициозен. Се надевам дека ќе можам да додадам таква вредност и Данди“, рече повозрасниот од браќата Бабунски.

Во вторникот, Бабунски го одигра и деби натпреварот во дресот на Данди, откако беше стартер во Лига Купот против Стенхаусмуир.