Бабунски: Со нетрпение чекав ваква можност, ќе играм во земја со голема фудбалска култура

Македонија ќе има уште еден претставник во шкотската фудбалска елита. Повремениот репрезентативец Давид Бабунски се реши за нов предизвик во кариерата и ја прифати понудата на Данди Јунајтед.

По потписот Бабунски истакна дека ќе биде голем предизвик за него и дека со нетрпение чекал ваква понуда.

„Благодарен сум за довербата што клубот ја има во мене. Трпеливо чекав ова да се финализира и одложував одговор на други понуди во процесот затоа што со нетрпение чекав ваква можност. Доаѓањето во земја каде што фудбалската култура е огромна и стандардот на лигата е висок се дел од работите кои ме привлекоа, и веќе можам да ја почувствувам големината на клубот. Ќе биде голем предизвик за мене. Очекувањата за оваа сезона се високи, како што и треба да бидат, и треба да веруваме дека можеме да направиме нешто посебно“, рече Бабунски.

Давид Бабунски е поранешен капитен на младинската репрезентација на Македонија, а за сениорскиот состав на „рисовите“ има одиграно петнаесет натпревари. Со шкотскиот клуб се обврза на двегодишна соработка и ќе го носи дресот со бројот десет.