Бабунски со моќна порака: Оставете ме среде море, среде пустина..., ништо нема да ме запре

Поради суспендирањето на шампионатот во Романија, поранешниот младински репрезентативец на Македонија, Давид Бабунски, не успеа да дебитира за својот нов клуб, Ботошани. 

26-годишниот играч за врска оваа зима се реши да ја напушти Јапонија и се врати во Европа, но поради коронавирусот сè уште го чека својот прв натпревар во романскиот шампионат. Сепак, екс-играчот на Црвена Звезда и Јокохама, иако е во карантин, тренира напорно и испрати одлична порака до своите фанови:

„Натерајте ме во карантин во хотелска соба. Оставете ме среде море, заклучете ме во затворска ќелија, оставете ме среде пустина. Ништо не може да ме запре да продолжам да учам, напредувам и да се подобрувам...“, напиша Давид Бабунски.

Бабунски своите фудбалски почетоци ги имаше во редовите на Барселона, а потоа преку Црвена Звезда се пресели во Јапонија, каде ги носеше дресовите на Јокохама и Омија. Одличниот играч за врска беше еден од клучните фудбалери на селекторот Милевски во историскиот успех и пласманот на У21 селекцијата на Европското првенство во Полска во 2016 година.