Бабунски: Ова е само прв дел од двомечот со Пјуник, во Скопје ќе бидеме подобри

Екипата на Вардар доживеа пораз во првиот меч од првото квалификациско коло во Лигата на Европа против Пјуник, а стратегот Бобан Бабунски по средбата истакна дека двата тима одиграле еден тежок меч, со хепи-енд за Ерменците.

„Знаевме дека ќе биде тешко, знаевме дека нè чека тешка задача и така се покажа. Ова е само прв дел од овој двомеч. Се надевам дека во Скопје ќе се покажаме во подобро издание. Шансите и натаму се присутни, нема да се предадеме, ќе се обидеме добро да се подготвиме за реваншот и нормално посакувам резултат кој ќе нè однесе во следната рунда. На крајот честитки до Пјуник за победата“, изјави Бабунски.

Реваншот во Скопје меѓу Вардар и Пјуник е за седум дена, на „Филип Втори“ Арената. Вардарци ќе целат на подобро издание пред својата публика и надполнување на негативата од еден гол во првата средба.