Бабунски: Ни фалеше завршница, нè надигра најдобриот тим од мојата држава

Давид Бабунски и Стефан Ашковски беа двата македонски интернационалци во дресот на Ботошани кои застанаа наспроти Шкендија во второто коло од квалификациите за Лига Европа.

Играчот за врска доби шанса речиси 80 минути и во завршницата беше заменет со Роман. По мечот тој беше разочаран од конечниот исход и ги кажа причините за поразот на романскиот претставник.

„Имавме шанса да направиме голем успех за клубот. Задоволен сум од играта, но не успеавме да постигнеме погодок. Ни фалеше завршницата и потфрливме во деталите од мечот. Денес загубивме од најдобрата екипа од мојата држава“, рече Бабунски.

Бесарт Ибраими беше стрелецот на голот за победа на тетовчани, кои за една недела ќе се сретнат со Тотенхем, на патот до плеј-офот за пласман во Лига Европа.