Бабунски ќе тестира Срби и Нигеријци, од Победа замина само Анѓелески

Новиот прволигаш Победа утре почнува со подготовки под палката на новиот тренер, Бобан Бабунски. Само еден играч досега замина од Прилеп, а тоа е Дарко Анѓелески во Силекс, а со сите фудбалери што покажаа квалитет изминатата сезона, веќе се разговара за останување.

Клубот е со намера да земе квалитетни засилувања. Победа преговора со домашни фудбалери, а многу скоро се очекува доаѓање на проба на неколкумина професионалци од Србија и од Нигерија. Нивните вредности ќе се видат на пријателските мечеви против Работнички и Брегалница.

Прв асистент на Бабунски ќе биде доскорешниот капитен на Победа, Благојче Дамевски, а во стручниот штаб ќе влезе и Филип Мирчески, тренерот кој го донесе шампионскиот трофеј на младинската екипа на прилепската гордост.

Победа минатата сезона ја заврши како шампион во ВМФЛ-Исток и со голема еуфорија во најфудбалскиот град го чека враќањето во елитата. По деценија чекање стадионот „Гоце Делчев“ ќе биде домаќин на натпревари за првенствени бодови во Првата лига.